Проект: Ентериерен дизајн на паметен апартман
Категорија: Станбен дизајн
Проектот прикажува решение на мал внатрешен простор од стан со една спална соба. Стан со една спална соба е повеќе или помалку достапно и соодветно домување према квадратурата, каде што луѓето можат да ги организираат сите потребни витални сегменти за удобен престој без премногу тешкотии. Внатрешниот дизајн на станот не беше воопшто едноставен и брз. Главната цел беше да се добие паметен дом со многу техника во услуга на потребите на сопственикот, како би се олеснило неговото домување и одржување.
Претставениот ентериерен дизајн е развиен според начинот на живеење на сопственикот, како и неговиот личен поглед за удобно и убаво живеалиште. Важно беше да се искористи максимумот на просторот со минимален дизајн. Целиот внатрешен простор е развиен со следење на функционалноста на секоја одделна зона во станот. Истиот е опремен со мебел по мерка, кој ги задоволува потребите и личниот вкус на сопственикот на станот.
Затекнатата состојба на просторот беше целосно реновирана и внатрешната архитектура беше изменета со додавање на нов ѕид на влезот во спалната соба, инсталација на нова електрика во целиот стан, како и нов под и осветлување низ целиот простор. Големиот сив ѕид е главниот акцент во отворениот простор од влезот со кујна и дневна соба. Боите на вратата од бањата и лизгачката врата од оставата се исто така соодветни со боја во склад со сивиот ѕид, со цел да се продолжи протокот на темната површина во просторот. Споменатата површина е прекината со неочекувана дрвена ѕидна облога со таканаречена врата- дух кон спалната соба. Кујнскиот остров со помошната масичка е огништето на отворениот простор, околу кој гравитираат сите елементи на мебелот како дел од влезната зона, просторијата за готвење и релаксирачкиот простор за дневен престој. Концептот на отворен простор во влезната партиција, кујната со дневната и трпезаријата функционално е решен со централно поставениот кујнски остров, со чија помош освен зона за готвење истовремено се добива и продолжен ходник кој непречено води од влезната врата кон оставата која истовремено е и продолжеток на ходникот со вграден гардеробер. Трпезариската маса е неочекувано лоцирана во дневната соба покрај големите прозорци, каде што корисникот може да ужива во панорамскиот поглед на градот додека руча или додека конзумира само убав филџан чај.
Спалната и покрај малиот простор е функционално решена со дефинирање на внатрешната архитектура со неправилна форма и додадено големо огледало на лизгачките врати од плакарот, со што се добива визуелно поголем простор.
Низ целиот стан е интегриран технолошки систем за автоматско регулирање на количеството на вештачка светлина на расветата, количеството на природна светлина преку контролирање на позицијата на драперите и работењето на сите електрични уреди преку централен систем кој истовремено може да се управува едноставно преку мобилен телефон. Со тоа дизајниран е паметен, поудобен и поефикасен дом, кој го олеснува домувањето на сопственикот на станот.
Внатрешна архитектура/ дизајн на ентериер/ 3Д визуелизација/ проект менаџмент
Година на проектирање: 2021
Година на реализација: 2021