Дизајн на мебел

Мебел претставува предмет кој се користи за уредување на даден отворен или затворен јавен или приватен простор. Мебелот има своја форма, димензии, боја, материјал, текстура, намена и функција.

Според функционалната намена, мебелот е поделен на мебел за седење, мебел за лежење, мебел за пишување, јадење, односно мебел во функција на човековото однесување, потоа функционален мебел за складирање, одлагање итн. Истиот може да биде вграден или слободен во просторот. Конструктивно мебелот може да биде изработен од различни материјали и според тоа е поделен на тапациран мебел, плочест мебел, мебел од масивно дрво и мебел изработен од различни иновативни материјали кои секојдневно сѐ повеќе се произведуваат на пазарот. Естетски мебелот може да има посебна вредност доколку има посебен или уникатен стил на дизајн, a неретко дизајнот на мебел е поврзан и со модната индустрија.

Дизајнот на мебел претставува посебна гранка на индустрискиот дизајн односно дизајн на производи за масовна употреба. При процесот на дизајнирање се користи широко ергономско знаење и специјализирани методи на производство.
При производство на мебел се користат традиционални и модерни технологии на изработка, со помош на разноврсни алатки и машини. При тоа се користат разновидни сврзници и традиционални врски во процесот на производство. Покрај функционалната намена на мебелот, се внимава и на неговиот дизајн, а неретко на одредено парче мебел му се оддава уметничка линија и се третира како уметничко дело. Често преку мебелот се одредува и културата на една цивилизација, бидејќи секој народ има свои традиционални техники на изработка на одреден мебел по кои се претпознатливи, свој стил, традиционални материјали за изработка, украсни детали и симболи со кои се украсувал мебелот. Инжинери, дизајнери, техничари, оператори на машини, занаетчии и тишлери се вклучени во процесот на изработка на парче мебел. Археолошки истражувања изнесуваат податоци за користење на мебелот од страна на човештвото уште во почетокот на човековото постоење, преку користење на природни материјали како камен, дрво, метали итн.