Дизајн на ентериери

Под ентериер се подразбира естетски уреден простор за функционално користење од страна на луѓето.

Сите видови на ентериери без разлика дали се дел од домашни или јавни простории наменети за работа, рекреација или превоз се однесуваат на интеракција меѓу луѓето и нивната средина, а тоа е двонасочен процес од кој се отвараат прашањата за пристап и употреба, нивните естетски и функционални вредности.

Целта на еден ентериерен дизајн е да се испроектира наменска архитектура на дадениот внатрешен простор во кој ќе се добие хармонична композиција со помош на употреба на различни бои, форми, текстури, материјали и светлина. Процесот на проектирање на даден ентериер од било кој тип, без разлика дали претставува уредување на простор за домување, јавен простор за работење, простор за користење од стари лица, простории за нега на болни лица, простории за учење, рекреација и спорт, одмарање итн. бара широко знаење од антропометрија со ергономијата на луѓето, бидејќи секој различен простор бара решавање на конкретни проблеми што се јавуваат при интеракција помеѓу човечкото тело и неговата средина. Секој ентериер претставува комплексна композиција, која го решава просторот условен од контактите помеѓу луѓето и околината, а се од физичка и визуелна природа. Физичките контакти ги содржат проблемите на движење и дофат на рацете во просторот, а визуелните видното поле во ентериерот. Притоа, ентериерот треба да се опреми со мебел кој ќе одговори на функционалните барања на проектното решение на просторот. На тој начин се добива совршен ентериерен дизајн во кој формата ја следи функцијата на просторот.
Правилно уреден внатрешен простор може да има големо влијание врз животната околина во однос на заштеда на енергија и одржливост на животната средина. Крајната цел на добро уреден внатрешен простор е да создаде здрава средина со пријатна атмосфера за користење од страна на луѓето која ќе го подобри нивното психичко и физичко здравје, ќе ја поттикне нивната продуктивност и креативност, а истовремено ќе биде место за одмор и релаксација.