Проект: Ентериер на едукативен центар
Категорија: Комерцијален дизајн
Идејата за модерни ентериери за учење, соработки и креативни инспирации најдобро се консолидираат во идејата за работни простории. Преку овој проект, креиран е концепт на ентериер за акомодација на студенти во едукативен центар за маркетинг и компјутерски вештини. Предизвикот е создавање на современ простор и креирање на соодветен ентериерен стил кој ќе поканува студенти со различни интереси и ќе ги инспирира за нови предизвици и искуства во согласност со модерните барања за работна атмосфера.
Темата на дизајнот на ентериерот е приказна развиена во различни хроматски и ахроматски бои нанесени на хоризонтални и вертикални површини во просторот по подовите, ѕидовите и плафоните. Секоја боја е внимателно избрана според намената на одделната просторија- приемен хол, училница, конференциска просторија итн. Акцентот е зададен во влезната партиција каде на винилниот под се поставени сите бои од останатите простории, како симбол за меѓусебна комуникација и дружење на сите корисници на едукативниот центар. Вештачкото осветлувањето во секоја одделна просторија е поставено со цел да ја поттикнува продуктивноста на корисниците, дава комфорт и естетски акцент на ентериерот.
Приемниот хол е од отворен тип со автентичен гранитен поден детал кој постои неколку децении и е дел од историјата на објектот во кој се наоѓа едукативниот центар. Приемниот пулт е робусен со дрвени елементи кои создаваат контрастна хармонија со голиот бетонски плафон. Оваа зона е опремена и со врамена дрвена клупа од голем размер чија намена е лесно прилагодлива од катче за дружење во работно или место за одмор и релаксација. Комбинацијата на различните материјали употребени во ентериерот резултираат со храбар дизајн кој воодушевува.
Проект менаџмент/ дизајн на внатрешна архитектура и ентериер: МЕТАТЕТ Студио, Скопје
https://metatet.com/portfolio/international-education-and-certification-company-certiadria/
Дизајн на ентериер/ 3Д визуелизација: Анета Мицевска
Инвеститор: Certiadria, Скопје
Година на проектирање: 2019
Година на реализација: 2020