Проект: Ентериер на привремен изложбен салон за продажба на санитарии и плочки
Категорија: Комерцијален дизајн
Тема на овој проект е дизајн на привремен изложбен салон за плочки и санитарна опрема.
Основната проблематика беше подрумот од постоечка куќа да се претвори во привремен изложбен салон за плочки и санитарна опрема.
Во согласност со барањата на клиентот, идејата на дизајнот беше просторот да наликува на дом во кој ќе бидат прикажани разноврсните плочки и останати производи како нивна сакана сопственост. Целта стана да се создаде гостинска просторија во која посетителите ќе искусат домашен амбиент во кој ќе поминат неколку часа чувствувајќи се удобно при разгледување на производи, учење за видовите на производи и брендови кои се достапни на пазарот и донесување одлуки за нивно купување.
Плочките во ентериерот се интегрирани на сите расположливи површини со што се постигна уште една цел да се прикаже прилагодливоста и можностите на употреба на овие производи во еден ентериер. Тие беа истестирани преку нивна апликација врз подот, на ѕидовите, врз столбовите, па дури и на мебелот. Преку овој начин на нивна изложба истовремено целта беше да се едуцираат посетителите за многу позелена (одржлива) и помалку скапа верзија како замена при купување на скапи материјали и опрема за ентериери, земајќи во предвид други заменски алтернативи и лесно одржливи производи наместо природни камења.
Внатрешната архитектура на салонот е поделена на зона за прием со авангарден златен ѕид украсен со мозаичен детал составен од хексагонални плочки, кујна визуелно претопена во ѕидот чија работна површина и страници се обложени со плочки со дезен на природен мермер, зона за седење и одржување состаноци опремена со маса со плотна од плочки насочена кон големиот екран на телевизорот поставен на ѕидот врамен со осветлена рамка од плочки и украсен камин кој му дава топол амбиент како контраст на мермерните дезени употребени во просторот. Ѕидовите се опремени со полици на лизгање, секоја со голем број комбинации на плочки. Прилагодените полици се дизајнирани за на нив да може да се изложат различни големини и брендови на керамички, мермерни и гранитни плочки.
Производите се ненаметливо изложени во просторот со што се овозможува непречено циркулирање за нивно разгледување. Употребено е соодветно вештачко плафонско осветлување за нивно истакнување со ефект на уметничка галерија.
Дизајн на ентериер/ 3Д визуелизација
Година на проектирање: 2019
Година на реализација: 2019