Проект: Екстериер и ентериер на изложбен салон за мебел
Категорија: Комерцијален дизајн
Изложбен салон во суштина претставува простор во кој се изложени одредени производи наменети за продажба. Под продажна стока може да спаѓаат производи од различни индустриски гранки, од автомобили до мебел. Затоа, ниеден ентериер на одреден изложбен салон не може да наликува на друг, поради големиот асортиман на артикли. Целта на изложбениот салон се рефлектира на неговиот ентериер според индустриската категорија. Сепак основниот концепт на секој изложбен салон е соодветно да ги застапи своите производи на пазарот за продажба.
При проектирање на ентериер на изложбен салон честопати во предвид се зима брендот, чие лого може да биде центарот на просторот; боите на брендот, чии нијанси можат да се искористат во внатрешниот дизајн; најзначајните производи кои треба најмногу да се истакнат во просторот за продажба, како и искуството кое ќе го добие клиентот за време на неговата посета поради кое треба да се цели на создавање интерактивна средина за продажба.
Внатрешниот простор на прикажаниот изложбен салон за мебел е поделен на два ката, долен, во кој се наоѓа влезот; и горен, меѓусебно поврзани со внатрешни осветлени скалила. Амбиентот во целиот салон е темен, инспириран од темното лого на брендот, со темни ѕидови обложени со фурнир од природно дрво како елегантен топол контраст на сивите тонови со хомоген под покриен со специјален антибактериски темен тепих наменет за јавни објекти. Во салонот се изложени кујни и плакари преку креирани сцени, секоја одделно поставена должински по ѕидовите во просторот, пратејќи ја внатрешната форма на објектот. Островски елементи внимателно се позиционирани централно на долниот кат, со што се истакнуваат, но истовремено не пречат при циркулација по патеките за движење на посетителите. На горниот кат се наоѓа зона за прием на клиенти опремена со меко лежерно седење, но и зона со маса за состаноци. Со транспарентна преграда е одделена зоната со работните бироа кои се позиционирани на дефинирана платформа во ентериерот на горниот кат.
Значајно е да се истакне дека е создадена визуелна врска на ентериерот со екстериерот преку транспаретниот излог поради маркетиншки цели. Луѓето имаат тендеција да се вљубуваат во предмети на прв поглед и тоа е првото правило за привлекување на потенцијални купувачи.
Дизајн на ентериер/ 3Д визуелизација
Инвеститор: ZLATEV CUSTOM FURNITURE
Година на проектирање: 2019/2020
Година на реализација: 2020