Проект: Ентериер на семејна куќа
Категорија: Резиденцијален објект
Испроектиран е ентериер на одделни простории од семејна куќа составена од приземје и два ката.
Основната методологија на проектирање претставува синтеза од повторување на одредени елементи и внатрешна опрема низ ентериерот на различни соби како боја, форма и текстура. Целта на овој начин на проектирање беше да се унифицира просторот на сите ката и да се создаде консистентна визуелизација. Дабовиот дрвен дезен, антрацитната боја искомбинирани со топли земјени тонови се примарниот тоналитет на севкупниот ентериер чии краен ефект непрекинато го привлекува окото на посетителите и сопствениците при движење низ домот. Како дополнителна техника на проектирање беше балансирање на просториите преку симетричен дизајн и употреба на едноставни форми на мебел и декоративна опрема, користење на материјали кои асоцираат на природата, текстури и бои на камен, дрво, метал, јаглен, земја. Секоја одделно издизајнирана соба создава визуелна умерена еднаквост и симетрија како резултат на правилно димензионирање на мебелот и ентериерот. Крајниот резултат произнесува нездодевен просторен баланс и хармоничен ентериер за домување.
Влезната партиција на домот е претставена со издвоен влезен хол со доволно природна светлина која продира преку стаклена влезна врата. Светлината го осветлува подот обложен со ладен каменов дезен Calacatta како баланс на внатрешната опрема на ходникот составена од функционален плакар во антрацитна боја и дабов детал. Влезот упатува кон гостинското WC и голема површина составена од дневен престој, трпезариски дел за конзумирање храна и кујна за нејзина подготовка.
Најголемиот дел од приземјето му припаѓа на дневната просторија со трпезаријата, каде преку дрвени скалила се овозможува вертикална комуникација со горните ката. Драматичен ѕид обоен во темно антрацитна боја претставува фокална точка во отворениот простор кој непрекинато се провлекува низ горните ката. Ѕидот е опремен со електрично огниште кое го заокружува целокупниот впечаток на топол дом. Подот во дневната просторија и трпезаријата е обложен со топол под со дрвен дезен избалансиран со камениот дезен на подните плочки од кујната.
Трпезаријата е опремена со голема дрвена трпезариска маса за конзумирање храна, како центар на долниот кат сместена помеѓу долгата ТВ комода во дневниот простор и кујната.
Кујната претставува посебна партиција за готвење и складирање намирници на приземниот кат, но истовремено е отворена кон трпезарискиот дел, визуелно сепарирана со украсни дрвени столбчиња. Испроектирана е аголна кујна во антрацитна боја и дабов дезен, функционално испланирана со голема работна површина. Опремена е со помошна висока масичка со барски столчиња која е одлична за брзо конзумирање храна, а не го оптеретува просторот на кујната. Посебно внимание беше обрнато на осветлувањето на кујната, во која беше додадено амбиентално плафонско светло за регулирање на вечерната атмосфера на ентериерот. Новопроектираниот спуштен плафон ѝ придодаде екстравагантна и елегатна нота на кујнската просторија.
Дневната просторија ја краси декоративен дрвен ѕиден панел, осветлен со амбиентално светло. Годовите на дабовите парчиња се наизменично радијално поставени, формирајќи сложувалка од визуелни дијаманти кои зрачат топлина во просторот.
Гостинското WC на приземниот кат и бањите на горните ката се дизајнирани во исти тонови на светло сива и антрацитна боја зачинети со дрвен дабов дезен кој се повторува на плочките и мебелот. Антрацитните површини беа храбар избор на сопствениците на домот, кои во тоалетите се нанесени преку употребената ѕидна епоксидна техника. Епоксидот е неочекуван елемент во овие простории, а има голема функционалност поради своите водоотпорни и хигиенски својства. Употребената декоративна дрвена облога им дава нова визуелна димензија не само како простории за одржување лична хигиена туку и забавни простории за посетување и користење.
Дизајн на ентериер/ 3Д визуелизација
Година на проектирање: 2020/21
Година на реализација: 2021
Местоположба: Алсдорф, Германија
Комплекс: https://www.reihenhaus.de/