Проект: Мултифункционален ентериер на семејна куќа со работни простории
Категорија: Резиденцијален објект
Дизајнот на домот драстично еволуира во нова норма со улога на простор за живеење, работење, рекреација па дури и одмор. Објекти проектирани во облик на мултифункционални простории сѐ повеќе се користат како повеќенаменски домови со работни простории за живеење и работење, решени како одговор на потребите и проблемите на модерниот начин на живот.
Објавеното проектно решение презентира целосна модификација и пренамена на постоечки индустриски објект во т.н. мултифункционална семејна куќа, не само како место за живеење, туку и како објект за секојдневно работење. Објектот е составен од два ката, кои функционално ги разграничивме на долен кат за работење и горен кат за живеење.
Главниот предизвик на горниот кат за домување беше постоечкиот внатрешен простор од отворен тип функционално да се реши и подели на одделни простории за дневен престој, зона за готвење, трпезарија, како и две спални соби. Новопроектираниот ѕид во дневниот престој, кој го подели просторот на одделни соби, е акцентиран и декориран со дрвена облога составена од мали летвички, меѓусебно хармонично распоредени формирајќи украсна шара шеврон, кои со својата еклектична структура и дрвен дезен оддаваат чувство на луксузен изглед во отворениот простор. Каминот претставува фокална точка во просторот кој зрачи дополнителна топлина контрастно на визуелно ладниот столб на кој тој е поставен. Столбот е обложен со камен со дезен калаката, кој внесува свежина и чистота во дневниот престој. Целокупната композиција на ѕидот со употребените природни материјали како декорација во просторот ја одразуваат природата со своите различни видови материјали, чии вплотени енергии создаваат хармоничен баланс во домот.
Трпезаријата е опремена со тркалезна маса за лесно циркулирање во просторот. Ѕидот е украсен со метална декорација, изработена од осветлен бакар, изгравиран со мотив на маслиново дрво. Маслинката се повторува како декоративен елемент низ ентериерот, а истата е инспирирана од името на сопственичката на презентираниот објект. Истовремено, во многу култури маслиновото дрво претставува симбол на различни духовни вредности како благослов, плодност и здравје, а неговите израснати корења во земјата се симбол на стабилност, мир и спокој. Покрај тоа, маслинката ја симболизира вечната врска помеѓу човекот и земјата, која идеја во проектов ја означува долготрајната врска на сопствениците со својот дом.
Кујната е позиционирана на почетокот на ентериерот од отворениот простор со што се олеснува внесувањето намирници во домот. Дизајнирана е во комбинација на светли и темни тонови за визуелен баланс на зоната за готвење.
Целокупниот ентериер на горниот кат е осветлен со голема количина на природна светлина која влегува преку големите врата- прозорци кои беа задржани од претходната состојба на објектот. Дополнително, светлината се разигрува низ просторот со регулирање на постоечките венецијанер ролетни, а целокупниот впечаток на ентериерот го заокружуваат косите плафони кои паѓаат под благ степен низ целиот горен кат.
Внатрешна архитектура/ дизајн на ентериер/ 3Д визуелизација
Година на проектирање: 2020/ 21
Година на реализација: 2021