Проект: Редизајн на стан во ентериер на Центар за физикална терапија со салон за убавина
Категорија: Комерцијален дизајн
Во овој проект прикажано е концептно решение на простор за домување пренаменет во интимен простор со релаксирачка атмосфера за уживање во физикални терапии и услуги за убавина кои ги нуди Центарот за физикална терапија со салон за убавина Ла Вита – ЕМ на своите клиенти.
Внатрешниот простор е поделен на три главни партиции и тоа зона за прием на клиенти со приемен пулт, центар за физикална терапија и салон за убавина. Секоја одделна зона е дизајнирана со свој декоративен печат кој му дава посебен естетски акцент на одделниот простор према својата функционална намена.
Приемниот хол е декориран со осветлен ѕиден тапет со предимензионирани пропорции и мотиви од природата кои додатно му даваат чувство на свежина и тродимензионална длабочина на просторот. Клупата за одмор и чекање дизајнирана во едноставна форма е поставена наспроти ТВ екранот за рекламен материјал, поставен на ѕидната облога во зоната на приемниот пулт. Логото на центарот за физикална терапија со салон за убавина е впечатливо истакнато и осветлено на дрвената ѕидна облога, позиционирано на прв поглед при влез во приемниот дел.
Големата количина на природна светлина е силно синхронизирана со хроматските бои употребени во останатите простории, кои создаваат хармонична целина со уметничките детали употребени во ентериерната композиција. Салонот за убавина е поделен на две простории со помош на преграда во облик на дрвена рамка со стаклена исполна со артистички мотиви и отвор за циркулација со завеса за обезбедување на приватност. Оваа просторија е опремена со наменски функционален мебел за шминка, маникир, педикир, козметички третмани, па дури и кујна визуелно скриена позади украсниот шанк кој создава целина со преградата од платформата на зоната за педикир.
Завесата се повторува во центарот за физикална терапија. Во двете простории завесата се покажа како суптилен реквизит за поделба на просториите кој истиот го отвара и поделува просторот во зависност од моменталната потреба, а истовремено го украсува ентериерот.
Проект менаџмент/ внатрешна архитектура/ дизајн на ентериер/ 3Д визуелизација
Инвеститор: Ла Вита – ЕМ
Година на проектирање: 2019/2020
Година на реализација: 2020