Дизајн на ентериери

Под ентериер се подразбира естетски уреден простор за функционално користење од страна на луѓето.

Сите видови на ентериери без разлика дали се дел од домашни или јавни простории наменети за работа, рекреација или превоз се однесуваат на интеракција меѓу луѓето и нивната средина, а тоа е двонасочен процес од кој се отвараат прашањата за пристап и употреба, нивните естетски и функционални вредности.

Целта на еден ентериерен дизајн е да се испроектира наменска архитектура на дадениот внатрешен простор во кој ќе се добие хармонична композиција со помош на употреба на различни бои, форми, текстури, материјали и светлина. Правилно уреден внатрешен простор може да има големо влијание врз животната околина во однос на заштеда на енергија и одржливост на животната средина.
Крајната цел на добро уреден внатрешен простор е да создаде здрава средина со пријатна атмосфера за користење од страна на луѓето која ќе го подобри нивното психичко и физичко здравје, ќе ја поттикне нивната продуктивност и креативност, а истовремено ќе биде место за одмор и релаксација.